часот
12 Oктомври
20:00 часот
Сезона 2022/2023
Концертна Сала
ДАЛГА
Диригент:
Габриел Бебешелеа
Солист:
Дино Имери
Види Галерија
Диригент: Габриел Бебешелеа (Романија)
Солист: Дино Имери – Пијано
С. Петровски: „Пијан танец“ („Пајдушко“)
П.И.Чајковски: Концерт за пијано и оркестар бр.1 во b-moll, оп. 23
Allegro non troppo e molto maestoso
Andantino semplice
Allegro con fuoco
Пауза
П.И. Чајковски: Симфонија бр.6 „Патетична“ во ха-мол, оп. 74
Adagio – Allegro non troppo
Allegro con grazia
Allegro molto vivace
Adagio lamentoso
* Концертот е поддржан од Европската Унија.*
С. Петровски: „Пијан танец“ („Пајдушко“)
Сони Петровски е роден на 4 јануари 1977 година во Сиднеј, Австралија. Средно музичко училиште завршил во Битола, а дипломирал на одделот по композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски. Посетувал семинари кај реномирани композитори во Македонија и странство, меѓу кои: Brian Fernheyhough, Krzystof Meyer, Faradj Karaev, John Woolrich, Pierre Allain Jaffrennou, Eric Gaudibert и други. Од 2001 година работи на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Бил уметнички директор на фестивалот „Денови на македонска музика“. 1998 до 2006 година бил основач и уметнички раководител на Ансамблот за современа музика „Алеа“ со кој остварил бројни настапи во Македонија и во странство, промовирајќи ја современата македонска и светска музика. Во 2009 е добитник на наградата „Панче Пешев“ за композицијата „Зодијак“ доделена од Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ. Во 2012 бил избран за Претседател на СОКОМ.
Автор е на повеќе од 70 оригинални композиции и обработки во речиси сите жанрови. Операта „Леандар и Косара“, симфониски, концертантни, камерни, вокални, хорски и солистички дела. Автор е на повеќе нумери од албумот „Божилак“ на Тоше Проески како и 30-тина оркестрации на неговите песни изведувани ширум Балканот. Неговите дела се изведувани во Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Хрватска, Словенија, Франција, Унгарија, Австрија, Италија, Германија, Новрешка, Полска, Русија, Украина, Данска, Холандија, Велика Британија, Нов Зеланд, Канада. Неговите дела се издадени на носачи на звук од СОКОМ, Музичка младина на Македонија, Трио Интерарт, City Records, Hit Records, Hi-Fi Centar.
„Пијан танец“ на Сони Петровски е дело создадено како нарачка од Македонската филхармонија. Неговата содржина е инспирирана од македонското народно оро „Пајдушко“, чија ритмичност и мелодичност е основа над која Петровски ја гради својата музичка мисла. Композицијата има богата и колоритна оркестрација која на инвентивен начин ја „реинтерпретира“ звучната структура на традиционалното македонско оро.
П.И. Чајковски: Симфонија бр.6 „Патетична“ во ха-мол, оп. 74
Шестата симфонија, насловена „Патетична“ на Петар Илич Чајковски не е дело напишано од композитор кој умира, ниту пак од автор кој бил во депресија. Дури и насловот „Патетична“ е додаден на постухмната изведба. Чајковски бил против давањето програмски карактер на ова симфониско дело, и кога му ја пратил на својот издавач ја насловил само како „Симфонија бр 6“ во бе-мол, посветена на Боб Давидов (неговиот внук). Токму во таква форма, делото било промовирано и на премиерната изведба на 28 октомври 1893 година. Три недели подоцна, по смртта на Чајковски, делото повторно било изведено, со програмскиот наслов „Патетична“. Во неа овој руски композитор буквално ја „истурил“ својата душа, ги покажал своите неверојатни капацитети како композитор кој музиката ја користел како платно за израз и преточување на своите најдлабоки емоции. Во неа има сe – и светлина и темнина, и живот и смрт.
Оваа симфонија е олицетворение на композиторската моќ на Чајковски. Самиот композитор напишал дека „таа е неговото најдобро дело“. Во оваа симфонија се чувствува вечната борба меѓу животот и смртта, меѓу истрошената животна енергија и ултимативната сила на заборав, и токму тие елементи од нејзината структура ја прават да звучи толку моќно и безвременски. Шестата симфонија Чајковски не ја напишал за себеси, туку за сите нас.
Првиот став кој што е речиси три пати подолг од останатите три, веднаш го вовлекува слушателот во нервозната и емотивно силна битка која Чајковски ја развива на суптилен начин. Вториот став има шарм на танц, а во третиот став, Чајковски вметнува триумфален марш кој е изграден на агресивен и пулсирачки ритам. Многу често историчарите коментираат дека доколку Чајковски го сменел редоследот на последните два става, ќе го добиел Бетовеновиот модел на „победа на светлината над темнината“. Наместо тоа, тој го завршил дело со спор, нихилистички став – Адаџо (истото темпо со кое започнува симфонијата), промовирајќи нов концепт во симфониското патување (подоцна истиот концепт ќе го искористи и Малер во својата деветта симфонија). Самиот Чајковски напишал дека ја „оставил својата душа“ во ова дело. Токму таа искреност во дефинирањето на емоциите преку музиката и дава на Шестата симфонија чудесна генијалност, маестралност и безвременска димензија.
Текстови:
Ангелина Димоска, музиколог