Сара Јанева

Сара Јанева (01.01.2000) е лирски мецосопран чиј уметнички пат се развива на интернационалната оперска и концертна сцена. Своите додипломски студии ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2022 година, во класата на проф. Весна Ѓиновска-Илкова. По дипломирањето во Скопје, таа е дел од Летната оперска академија на маестро Џорџ Пехливанијан во Блед, Словенија. Во 2024 година станува членка на Швајцарското оперско студио и ги добива своите први професионални солистички улоги во Театарот Бил-Солотурн во Швајцарија. Во 2025 година дебитира во последните две опери на В. А. Моцарт, во улогата на Анио во операта „Помилувањето на Тито“ и во улогата на Втората дама во операта „Волшебната флејта“. Последната сезона во оперското студио ја завршува со улогата на Лизета во операта „Фраскатана“ од Џ. Паизиело. Покрај оперските претстави, во истиот период настапува и на концертните изведби на „Стабат матер“ од Џ. Б. Перголези и „Стабат матер“ од А. Дворжак. Во февруари и јули годинава одржува два солистички концерти — во просториите на Факултетот за уметности во Берн и во црквата „Св. Софија“ во Охрид — со програма посветена на македонското музичко творештво и македонските композитори. Во август годинава настапи како солистка на концертот „Италијанска вечер“, во рамките на фестивалот „Алегро виво“ во Хорн, Австрија, со дела од К. Монтеверди, Џ. Росини и В. Белини. Од големо значење за нејзиниот развој придонела работата со истакнати оперски имиња, како Милка Ефтимова, Ана Дурловски, Малин Хартелиус (нејзина менторка во оперското студио) и познатиот мецосопран Веселина Касарова.

Skip to content