Skip to content
Почитувани вљубеници во музиката,

Оркестарот на Македонската филхармонија и во сезоната 2025/2026 ќе тргне во нова звучна авантура со возбудливи солисти и диригенти кои ја испишуваат денешната историја на класичната музика и се етаблираат на светската сцена како врвни уметници. Нашата публика повторно ќе има привилегија да доживее неповторливи мигови на врвно уметничко задоволство.

Веќе осум децении, Филхармонија на РСМ е единствен репрезент на симфониското музицирање кај нас и бастион на класичната музика во државата. Музичарите се главните двигатели на нашата институција, која со гордост чекори напред – со нова енергија и елан кон нови предизвици, приспособувајќи се на современите тенденции, а во исто време останувајќи верен чувар на традицијата која му пркоси на времето и опстојува како modus vivendi.

Новата музичка сезона на Македонската филхармонија не случајно е насловена „#Без филтер“. Она што ѝ го нудиме на публиката е чиста музика – без шминка, без технолошки разубавувања, уметност во својот најавтентичен облик.

Живееме во време во кое се промовираат инстант вредности, време во кое повеќе од кога било ни е потребен компас, но и ветер во едра што ќе нè врати кон основните естетски и социјални критериуми врз кои треба да се гради секое здраво општество. „Музиката е морален закон. Таа му дава душа на универзумот, крилја на умот, лет на имагинацијата и живот на сè“, вели Платон – филозофот кој верувал дека музиката директно влијае врз карактерот на луѓето и уредувањето на државата. Оваа мисла, всушност, ја рефлектира нашата основна мисија: да едуцираме и да промовираме вистински вредности, наспроти шундот и кичот што нè преплавија.

Свесни сме дека квалитетот на музиката е мерка и за квалитетот на самата држава. Затоа ќе продолжиме посветено да ја градиме и да ја промовираме нашата музичка приказна, верни на традицијата и отворени кон современите текови.

Класичната музика не е минато, таа е наша сегашност и иднина. Таа е искра што го осветлува патот и мудрост што му пркоси на времето.

Со почит,

Мустафа Имери

ПРИЈАТЕЛИ НА
ФИЛХАРМОНИЈА