Марк Бучков

Белгискиот виолинист со руско-украинско потекло, Марк Бучков, критиката го опишува како софистициран музичар со беспрекорна самоувереност, но и како еден од најмултифункционалните и уникатни уметници на новата генерација. Неговата меѓународна кариера е богата и зад себе има настапи со водечки оркестри и диригенти ширум Европа. Неговите оркестарски настапи вклучуваат соработки со Кралскиот Концертгебау оркестар и Марис Јансонс, Минхенскиот филхармониски оркестар, Симфонискиот оркестар во Хамбург, Тонхале оркестарот во Цирих, Националниот оркестар на Белгија, Националниот симфониски оркестар во Торино, Симфонискиот оркестар на Маринскиот театар, Московскиот филхармониски оркестар, Оркестарот „Џузепе Верди“ во Милано, Камерниот оркестар на фестивалот во Вербие итн., работејќи со диригенти како Кристоф Ешенбах, Валери Гергиев, Станислав Кочановски, Михаел Сандерлинг, Андреј Борејко, Дмитри Лис, Кристијан Арминг, Максим Венгеров, Џејмс Џад... Марк Бучков е редовен и во рециталните настапи настапувајќи во најпрестижните концертни сали во светот, како што се Вигмор хол, Карнеги хол, Концертгебау, Елбфилхармонија, Тонхале во Цирих, Концертхаус... Како истакнат камерен музичар, редовно учествува на фестивалот Вербие во Швајцарија. Во последните две сезони, Бучков оствари значајни настапи со Минхенската филхармонија, Бриселската филхармонија, Оркестарот на Хесенскиот радиодифузен сервис и Оркестарот на фестивалот во Вербие. Во 2021 година, беше поканет да настапи во Концертгебау во Амстердам со Холандскиот филхармониски оркестар, под диригентската палка на Лудовик Морло, за потоа да биде поканет како резидент-уметник на оркестарот за сезоната 2022/2023. Првиот албум на Марк Бучков е издаден за „Хармонија Мунди“ и вклучува две негови композиции, а доби признанија како „Diapason d’Or“ и „Diapason Découverte“, но и извонредни критики од списанието „Грамофон“. Инаку, Марк Бучков потекнува од семејство на виолинисти. Првите часови по виолина ги добил на петгодишна возраст од својот дедо. Во класата на Михаела Мартин, го развил својот талент како млад солист на постдипломски студии на Академијата „Кронберг“, а од 2018 година бил под менторство на Едвард Вулфсон. Моментно е професор на Кралскиот конзерваториум во Лиеж (Белгија) и на Меѓународната музичка академија во Лихтенштајн. Свири на виолина од Карло и Микеланџело Бергонзи од 1742/44 година, којашто му е приватно позајмена од „Edwulstrad RMIC Ltd“.  

Skip to content