Уметноста мора да живее
Уметноста мора да живее
Навистина ме импресионира тоа што Филхармонија не престана со своите концерти оваа сезона, што претставува, всушност, важен акт на културолошка храброст и почит кон музичарите и публиката. Габриел Бебешелеа е исклучителен диригент и музичар. Со неговото доаѓање во почетокот на сезоната, Филхармонија по повеќе од две децении повторно доби шеф- диригент. Човек на кого човечките доблести му се најважни, музичар на кого суштината на делата му е светост. Направи специфичен програмски концепт кој кореспондира со условите за работа што ги налага пандемијата, зашто, како што вели, уметноста не смее да престане да живее. „Концерти се одржувале и за време на војни, музиката е храна за душата, посебно во тешки времиња како што се денешниве“, вели Бебешелеа. Од минатата година сте шеф-диригент на Филхармонија. Речиси две децении Филхармонија немаше шеф-диригент. Колку, според Вас, е важна оваа функција за еден оркестар? – Разликата меѓу гостин-диригент и шеф-диригент е многу голема. Ќе направам една споредба со секојдневниот живот. Кога сте гостин во нечиј дом, не е етички да му кажете на домаќинот да ја смени архитектурата на куќата, каде да му стои мебелот, да го премести телевизорот на друго место зашто вам така повеќе ви се допаѓа. Но, како домаќин имате одговорност да го направите вашиот дом подобар и поубав. Како гостин-диригент работите на програмата за концертот кој го водите без да се мешате во макроструктурата на оркестарот или на институцијата. Но, како шеф-диригент ваша должност е да имате музичка стратегија, за да ја постигнете целта која сте ја поставиле. Треба да имате дологорочен план како да го дефинирате репертоарот, да работите со музичарите, ако е потребно да направите промени во оркестарот или на сцената, да водите сметка за музичката иднина на оркестарот и врската меѓу сцената и публиката. Кои се главните работи кои, според Вас, треба да ги поседува диригентот? – Живееме во време кога диригентот мора да знае добро да комуницира. За среќа, ерата на диктаторство во оваа професија заврши, а јас верувам во добра атмосфера за време на пробите, и тогаш кога работата оди потешко. Затоа диригентот треба да комуницира одлично не само со музичарите, туку и со публиката. Сè повеќе верувам во идејата дека диригентот не треба да наредува што да се прави, туку да инспирира. Секако, не може да бидеш добар комуникатор и инспиративна фигура ако музиката која ја свириш не тече низ твоите вени. За мене, најважна работа е да се познава паритурата. Сè произлегува од тоа: ако ние, како музичари, се однесуваме екстремно одговорно и со почит кон музиката која ја изведуваме, тогаш го имаме и потребниот капацитет да креираме интроспекција, рефлексија и суштина за публиката. Ако публиката успее да ги заборави секојдневните проблеми кога е на концерт, тогаш нашата мисија е исполнета. Диригентот мора да ја знае партитурата за да се постигне тоа. Тоа е единствениот начин, во соработка со талентот, за диригентот да ја испрати енергијата кон оркестарот и кон публиката. Кои се Вашите впечатоци од оркестарот со кој досега реализиравте повеќе концерти? – Оркестарот има голем потенцијал и тоа беше главна причина зошто бев отворен кон идејата поблиску да се запознаам со него. Во него пронајдов интересен тип слобода, која со текот на времето може да стане главна специфика и препознатливост на ансамблот. Тоа што оркестарот има прекрасна нова сала, опремена со врвна технологија, исто така, е важен фактор кој влијае на неговиот развој. Каков програмски концепт, според Вас, е најдобар во ова специфично време кога оркестрите во светот речиси не работат? – За жал, намалувањето на бројот на концерти не е добро ниту за музичарите ниту за публиката. Ова, всушност, е единствениот период во историјата кога се затворени концертните сали и театари. Тој податок ни укажува колку е трагичен овој удар врз уметноста. Дури ниту за време на војните концертните сали не биле затворени, бидејќи јасно било како влијае уметноста, музиката на нивните измачени души од војувањата. Помина точно една година откако се соочуваме со овој вирус, и учиме и дознавме сè повеќе за него. Навистина ме импресионира тоа што Филхармонија не престана со своите концерти оваа сезона, што претставува, всушност, важен акт на културолошка храброст и почит кон музичарите и публиката. Што се однесува до програмата, го намаливме бројот на музичари на сцена со репертоар кој е во корелација со потребите што произлегоа од ситуацијата и мерките за безбедност. Длабоко верувам дека на публиката ѝ е потребна приказна, концепт. Затоа сакам да има некаква линија која ги врзува делата кои ги диригирам оваа сезона, за буквално публиката да биде вклучена во откривањето на приказната. Овој период има и одредени предности, предизвикот да ја одржиме во живот музиката ме поттикна да пронајдам репертоар кој никогаш немаше да го откријам доколку не постоеше пандемијата. Тие откритија ме направија и подобар музичар. Најважно, според мене, да повторам уште еднаш, е музиката никогаш да не престане да се изведува, бидејќи земја без култура го губи својот столб, својот скелет. Што е најважно, според Вас, кога се конципира програма за еден концерт, што треба да биде појдовна точка? Потенцијалот на оркестарот, вкусот на публиката... Или? – Како што кажав претходно, силно верувам во нашата мисија да создадеме храм за оние што дошле во нашиот дом – во концертната сала. Но, за да стигнеме дотаму, потребна ни е стратегија. Исто така, програмата треба да има двоен ефект, да го развива потенцијалот на оркестарот и во исто време да ја приближи публиката. Вкусот нa публиката, исто како и вкусот за храната, може да се рафинира и да расте во зависност од тоа колку добро „зготвена“ ќе биде музиката и како ќе ѝ биде „сервирана“ на публиката. Не верувам во т.н. масовни задоволства. Верувам во добра приказна, концепт и одговорност да ѝ ја пренесеме пораката на композиторот на публиката. Каква поука ќе извлечеме од пандемијата? Што Ве научи овој исклучително тежок проблем со кој се соочува светот? – Пандемијата ја отвори Пандорината кутија и ни укажа на проблемите што ги игнориравме. Дојдовме до точка кога треба да се справиме со нив, без разлика дали сакаме или не. Една година по појавувањето на пандемијата, сакам да верувам дека најголем дел од луѓето сфатија и научија дека треба да бидат емпатични, потолерантни и помалку себични.