МЕТРОНОМ

МЕТРОНОМ

Диригент:
Солист:
Алена Баева

Диригент: Конрад ван Алфен (Холандија)

Солист: Алена Баева – виолина (Русија)

Програма:

Р. Шуман: Концерт за виолина и оркестар

Л. В. Бетовен: Симфонија бр. 4

Р. Шуман: Концерт за виолина и оркестар во де-мол, оп. 23 
Концертот за виолина и оркестар во де-мол, оп. 23 е единствениот што го напишал германскиот романтичар Роберт Шуман (1810 – 1856). Концертот останал неоткриен речиси 80 години откако бил создаден.
Шуман го напишал овој концерт во летото 1853 година кога младиот виолинист Јозеф Јоаким го натерал да напише дело специјално за него. Иако бил во исклучително тешка форма на депресија, Шуман го завршил концертот за релативно кратко време. Неколку месеци подоцна, неуспешно се обидел да си го одземе животот, а починал две години подоцна – имал 46 години.
Делото има три става и во него  повеќе се чувствува класичниот манир на неговата подоцнежна музика сублимирана во „Рајнска симфонија“ отколку поетскиот и страстен стил во неговите рани дела. Првиот став има сонатна форма и во него виолината има прилично комплексна улога, бидејќи ставот нема каденца. Вториот став е интензивно лирско интермецо чија тема преминува во драматично игриво рондо. Третиот став е полонеза со интезивно разработен ритам. Познатиот виолинист Јехуди Мењухин го обожавал ова дело и го нарекол мост меѓу Бетовен и Брамс. Концертот е исклучителен во повеќе сегменти – тој е манифест на визионерскиот дух на Шуман и неговата музичка храброст.

Л. В. Бетовен: Симфонија бр. 4 во бе-дур, оп. 60
Многу често маргинализирана, Симфонија бр. 4 од Лудвиг ван Бетовен (1770 – 1827) „живее“ во сенка на подинамичките Трета и Петта симфонија. Напишана по монументалната „Ероика“, хронолошки, но не и во силот, Симфонија бр. 4 е многу поблиска до класичниот стил на првите две симфонии отколку романтичарскиот и подраматичен контекст на подоцнежните оркестарски дела на Бетовен. Ја напишал во доцното лето за време на својот престој во палатата на грофот Франц фон Оперсдорф, кому му ја посветил симфонијата. Премиерата се случила на приватен концерт во Виена, заедно со првата изведба на неговиот Концерт за пијано и оркестар бр. 4.
Четвртата симфонија музички е блиска на неговите први симфонии, но и на подоцнежните симфониски дела на Хајдн, неговиот учител (адаџото е прилично слично со Симфонија бр. 102 од Хајдн, напишата во истиот тоналитет). Првиот став има богат колорит и хармонија, вториот, адаџо, има сензуална тема која се движи во сите инструменти вo оркестар. Третиот став комбинира елементи од скерцо и менует, креирајќи петоделна форма наместо вообичаената триделна форма. Симфонијата завршува во исклучително фуриозен став, кој повторно стилски влече кон покласичната естетика.
Иако со векови живее потисната меѓу две симфониски ремек-дела, Четвртата симфонија совршено го рефлектира раниот класичарски дух на Бетовен, неговата јасна и прецизна мисла и префинето чувство за креирање боја и оркестарски колорит.

Следни настани