КРУГОВИ

КРУГОВИ

Диригент:
Солист:
Франческо Тристано

Диригент: Џијан Емин

Солист: Франческо Тристано – пијано (Луксембург)

Програма:

Ј. С. Бах: Концерт за пијано бр 1 во d-moll

Ф. Тристано: 4 фрагменти од „Пијано кругови“ за пијано и гудачи

Р. В. Вилијамс: Фантазија на тема од Томас Талис

 

Ј. С. Бах: Концерт за пијано и оркестар бр. 1 во де-мол

Исклучителната структура на концертите за пијано на барокниот маг – Јохан Себастијан Бах (1685 – 1750) ги прави безвременски, актуелни и популарни кај изведувачите, но и кај публиката. Иако се оригинално напишани за чембало, овие концерти многу често се изведуваат и на пијано. Концертот во де-мол е првиот од серијата концерти за чембало што ги напишал Бах во периодот меѓу 1738 – 1739 година. Како и другите концерти за чембало, и за овој се претпоставува дека е транскрипција на изгубен концерт за друг инструмент. Германскиот музиколог Филип Спита, автор на првата опширна биографија на Бах, сметал дека оригинално бил напишан за виолина поради многуте виолински фигурации и соло-делници. Најраниот манускрипт на ова дело, кој е зачуван од 1734 година, е направен од неговиот син – Карл Филип Емануел Бах и ги содржи само оркестарските делници, а чембалото е додадено подоцна од друг непознат автор. Дефинитивната верзија е на Бах и е направена во 1738 година во неговата збирка на сите осум концерти од едицијата нумерирана BWV 1052-1058. Има три става – алегро, адаџо и алегро и прилично темна и бурна атмосфера. Во него, големиот мајстор на барокот ја сумира својата музичка генијалност и уникатност, поставувајќи параметри кои подоцна ќе бидат основа на музичката есенција – форма, развој на музичката идеја, полифона структура… Творештвото на Јохан Себестијан Бах е комплексно и историско важно во многу сегменти. Тој е пионер во развојот на суштински нешта врзани со класичната музика – а токму тоа визионерство се рефлектира и во овој концерт, актуелен и витален по повеќе од три века од неговото создавање.

Ф. Тристано: 4 фрагменти од албумот „Пијано кругови“

Во 2017 година, Франческо Тристано почнува соработка со „Сони класикал“, фокусирајќи се на својот афинитет да создава и да снима свои авторски дела. Иако во тој период сè уште активно настапува на светските музички сцени изведувајќи електронска и експериментална музика на фестивалите за електронска музика, но и во концертните сали, тој повторно му за враќа на пијаното како алатка за креација. Го создава албумот „Пијано кругови“ (Piano Circle Songs) – колекција од песни во кои Тристано го евоцира својот интерес кон творештвото на француските импресионисти. „Го сакам ритамот, го сакам константниот импулс. Но, музиката во ‘Пијано кругови – циклуси’ е спротивна. Таа е интимна и мелодична, и во голем дел инспирирана од моите деца. Тие ме инспирираа да трагам по понежна фаза во третманот и создавањето музика за пијано“. Кругот кој стои и во насловот на овој албум сугерира на цикличната природа на делата и ја следи А-Б-А формата. Кога го снимал албумот со ова дело, на Тристано му било важно интимноста во креирањето на музиката да биде фатена и во постпродукциската фаза. Намерно ставил неколку микрофони блиску до инструментот за да му овозможи на слушателот да го доживее истото искуство како и изведувачот. И „нивното уво да биде внатре во пијаното“, како што вели Тристано. Делото има рецитална и оркестарска варијанта.

Р. В. Вилијамс: „Фантазија на тема од Томас Талис“

Ралф Воган Вилијамс (1872 – 1958) е еден од најзначајните композитори на 20 век, заслужен за подемот на британската музика. Пишувал музика под влијание на англискиот фолклор и тудорската полифонија, создавајќи дела во типичен дух и естетика на земјата во која бил роден. „Фантазија на тема од Томас Талис“ е дело за гудачки оркестар, создадено во 1910 година и изведено истата година во Глочестерската катедрала. Вилијамс ја диригирал изведбата.

Делото е насловено според името на композиторот на мелодијата Томас Талис (1505 – 1585), како и најголем дел од композициите на Вилијамс кои се инспирираат од музиката на англиската ренесанса. Талис пишувал музика за службата на кралската капела на британските монарси, од Хенри Седми до Елизабета Прва. Меѓу неговите дела се и седумте мелодии за псалми што ги напишал во 1557 година. Една од тие мелодии искористил и Вилијамс во ова негово дело напишано за проширен гудачки оркестар. Делото структурно ја следи формата на „фантазија“ од елизабетанската ера. Главната тема се повторува трипати, а музиката се развива од нејзиното постојано фрагментирање и варирање. Втората мелодија која се базира на оригиналната тема на Талис прво ја слушаме во соло-виола, а потоа се развива и во останатиот дел од оркестарските делници.

Следни настани