Со настапите дома и во странство, а особено со последните гостувања со Краковската, Северночешката, Софиската и Македонската филхармонија, Борјан Цанев останува еден од најбараните диригенти во Македонија и во поширокиот регион. Маестро Цанев ја балансира својата кариера помеѓу сценските настапи и наставата како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговиот 20 годишен ангажман како главен диригент на Македонската филхармонија, одигра исклучително важна улога во квалитативниот раст на ансамблот. Во улогата на наставник и ментор, тој поведе многу генерации на музичари кон нивните професионални патишта дома и во светот. Како добитник на високите признанија „Виртуози - најдобар музички изведувач“ и ,,Ѓорѓи  Божиков“ - за најдобра изведба на дела од македонски композитори, тој важи за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа е назначен за диригент на Македонската филхармонија, каде останува до 2019 година. Во 2000-2001 Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст. Токму на Кралскиот колеџ ја добива и наградата „Аугуст Манс“ за најдобар млад диригент. Еден од најважните настани од неговата рана кариера е поканата да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис во продукцијата на Моцартовата опера„Дон Џовани“ во Кралскaта оперска школа, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, Нови Сад, Загреб, Њујорк, турнеи во Полска и Казахстан). Во периодот 2003-2006 година делува како главен диригент на камерниот оркестар „Скопски солисти“, а во 2006-2009 е назначен за постојан гост-диригент на Софиската филхармонија. Во Македонската опера и балет диригирал повеќе изведби на ,,Травијата” од Верди, ја води премиерата на новата продукција на „Волшебната флејта“ од Моцарт, како и премиерата на балетот ,,АлександарIII Македонски“ од Љубомир Бранџолица. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерти во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“. Покрај настапите со Македонската филхармонија, маестро Цанев диригирал и со бројни познати оркестри: Лондонскиот симфониски оркестар, Софиската филхармонија,  Филхармонијата во Краков, Северночешката филхармонија, Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ - Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија и др. Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков,Сајака Шоџи, Даниел Милер-Шот, Кирил Трусов, Серхио Тиемпо, Иља Гринголц, Акико Суванаи, Симон Трпчески, Алексеј Огринчук, Жанг Зуо (Зи Зи), Штефан Дор, Џозеф Алези, Дејвид Герет, Стефан Миленковиќ, Роман Симовиќ, Стјепан Хаузер, Евгени Божанов, Криштоф Барати, Моника Лесковар, Тине Тинг Хелсет, Антал Залаи, Емануел Сејсон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Гзавие Филипс, Раби Абу-Калил, Ана Дурловски, Благој Нацоски и многу други. Диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија: Охридско лето, Скопско лето, Мајски оперски вечери, Денови на македонската музика,  како и на многу фестивали во странство вклучувајќи ги: Жорж Енеску, Котор арт, Загрепски летни вечери, Варненско лето, НОМУС, Светот на музиката - Загреб и др. Борјан Цанев како диригент се појавува во САД, Англија, Јапонија, Италија, Франција, Чешка, Полска, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, Романија, Босна и Херцеговина, Казахстан, а има направено снимки за Македонската радио-телевизија, за Бугарското национално радио, како и за “FAMES Project” Македонија. Во моментов е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а истовремено продолжува со настапите во неговата поранешна матична куќа - Македонската филхармонија.  

Skip to content