Бенџамин Шварц
„Бенџамин Шварц е сензација. Со неговата чиста енергија, перфектна техника во комбинација со мотивиран оркестар, тој успева да продуцира возбудлив и култивиран звук.“ Ова се дел од зборовите со кои критичарите го опишуваат харизматичниот диригент Бенџамин Шварц, кој, како што оценуваат, „има јасна визија во своите интерпретации“. Овие квалитети заедно со широкиот репертоар на дела произлегуваат од неговата постојано присутна желба за истражување и проширување на индивидуалните звучни хоризонти. Следната сезона Шварц ќе работи како шеф-диригент на државниот оркестар на Рајнската филхармонија. Од 2013 до 2016 година работи како музички директор на Филхармонискиот оркестар на Вроцлав, Полска. Со својата работа во овој оркестар тој беше вклучен и во голем број од настаните што се реализираа во 2016 година, кога Вроцлав беше Европска престолнина на културата. Работел и како гостин-диригент на Филхармонијата на Дисбург (2019/2020), бил гостин-диригент на Симфонискиот оркестар на Сан Франциско и музички директор на Младинскиот оркестар во овој американски град. Репертоарот на Шварц го рефлектира неговиот антидогматски, отворен однос кон програмата и делата од различни епохи и стилови – од делата на Џон Адамс до Малер, Брамс, Барток... Бил вклучен и во проектот „Години на вознемиреност“, во соработка со скулпторот, сликар и сценограф Александар Ползин, продукција која се базира на поезијата на англо-американскиот поет В. Х. Оден, во која преку музика и слики се прикажуваат настани од раниот 20 век. Како гостин-диригент, Шварц настапувал во Кралската филхармонија на Стокхолм, Филхармонијата на Лос Анџелес, Кралскиот шкотски симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Националниот оркестар на Лил и многу други. Работел и оперски продукции во Шведската кралска опера, Операта во Келн, Вајнмар... Работел и балетски продукции, меѓу кои и кореографијата на Пина Бауш на „Посветување на пролетта“. Во неговата дискографија се делата од Алберт Шнелцер кои ги сними со Симфонискиот оркестар на Готенбург, делата на Поул Рудерс со Симфонискиот оркестар на Оденсе и музиката на Васо Мендонца со оркестарот на Гулбенкиан.