Марина Eредиjа
Родена во Гранада, Марина Eредија пее уште од нејзиното детство. На тринаесет години пее на фламенко-албумот за деца „Malgré la nuit“. Соработувала со познати шпански фламенко-уметници како Аркангел и Ева Јербабуена, и на уметнички проекти како во операта „De amore“ од Маурицио Сотело, која премиерно беше изведена во престижниот аудиториум „Карл Орф“ во Минхен и во театарот Зарзуела во Мадрид. Оттогаш нејзината кариера ја води на најзначајните светски сцени како: Театарот де ла Маестранца во Севиља, Гранд театарот во Кордоба, Карнеги хол во Њујорк, Палатата на музиката во Стразбур, Кристалната палата во Порто. Марина Eредија важи за една од најдобрите изведувачки на маестралното дело „Љубов волшебничка“ од Мануел де Фаља. Меѓу другите, настапувала со Симфониските оркестри на Сан Франциско и Чикаго, под диригентската палка на Пабло Херас-Касадо, кој исто така беше заедно со неа на подиумот со Оркестарот на Сент Лука во Карнеги хол во Њујорк, каде што добија стоечки овации. Марина Eредија беше дел и од новата поставка на „Љубов волшебничка“ на познатата шпанска театарска група „Ла фура дел баус“, која премиерно беше изведена на затворањето на фестивалот во Гранада, под диригентската палка на Мануел Хернандез-Силва. Настапувала на најпрестижните фламенко-фестивали во Шпанија, на сцените во Кина, Уругвај, Франција, Португалија, Германија, Велика Британија, Мароко, САД. Во 2004 година ја добива наградата „Андалузиската младина за уметноста“, за нејзината улога во промовирањето на андалузиското фламенко во светот. За нејзиниот фламенко-албум со нови класични песни, ја доби наградата за најдобар фламенко-албум.