УРОШ ЛАЈОВИЦ

Урош Лајовиц е роден на 4 јули 1944 година во Љубљана. Студирал композиција и диригирање на Музичката академија во Љубљана, каде што и дипломирал на двете насоки во 1967, односно 1969 година. За исклучителни остварувања во двете области, во 1968 и 1969 година ја добил студентската Прешернова награда. Се усовршал на Високата школа за музика и сценска уметност во Виена, во класата на проф. Ханс Сваровски, каде што дипломирал со почести во 1971 година и ја добил Завршната награда (Abgangspreis). Во 1968 и 1969 година, учествувал на Салцбуршката летна академија, каде што учел диригирање во класата на проф. Бруно Мадерна. Во периодот од 1972 до 1991 година, работи во Словенечката филхармонија, прво како помошник-диригент, а од 1978 година како постојан диригент. Паралелно го води Камерниот оркестар на РТВ Словенија од 1974 до 1976 годинa, бил шеф-диригент на Симфонискиот оркестар на Хрватската радио-телевизијa од 1979 до 1981 година, а во 1988 година го основа Камерниот ансамбл Slovenicum, со кој организира самостоен циклус концерти во Љубљана во текот на наредните дванаесет години и настапува низ Словенија. Во периодот 2001 – 2005 година, бил ангажиран како шеф-диригент на Белградската филхармонија. Во 2009 година станува уметнички советник и постојан гостувачки диригент на Загрепската филхармонија. Почнувајќи од есента 2015 година, Лајовиц работи како шеф-диригент на Словенечката филхармонија и како постојан гостувачки диригент на Софиската филхармонија и Симфонискиот оркестар од Шенжен (Кина). Урош Лајовиц, во 1989 година, е поставен за професор по диригирање на Високата школа за музика и сценска уметност во Виена, а во 1991 година е унапреден во постојан професор по диригирање. Во неговата класа студирале околу 300 студенти од 58 земји. Од 2011 до 2014 година, работел како редовен професор по диригирање на Музичката академија во Загреб. Во виенската Висока школа за музика и сценска уметност останува до 2012 година. Како гостувачки професор, држел мајсторски курсеви во Стокхолм, Вилнус, Констанца, Шангај,  Хонг Конг и Дубровник. Покрај работата во матичните институции, настапувал во Европа, диригирал во САД, Колумбија (Богота), Јужна Кореја (Сеул), Тајван (Тајпеј), Хонг Конг, Кина (Шенжен) и Јапонија (Токио, Хирошима). За време на повеќе од четириесетгодишата кариера, одржал над 1.400 концерти, диригирал со повеќе од 90 различни симфониски оркестри и ансамбли и соработувал со повеќе од 900 солисти. Репертоарот на маестро Лајовиц е составен од симфониски и оперски дела. Учествувал во поставувањето на 14 опери. Покрај стандардниот репертоар, диригирал повеќе од 1.500 симфониски дела и премиерно извел 80 дела од словенечки и од странски композитори. Неговата работа во областа на музикологијата опфаќа и транскрипција и објавување на делото Missa viennensis  на словенечкиот барокен композитор Јанез Крстник Долар, редакција на „Фигаро“ од Јанез Крстник Новак (сценска музика за комедијата „Матичек се жени“ на Антон Томаж Линхарт) и ревизија и објавување на операта „Црни маски“ на Марио Когој. Урош Лајовиц е добитник на бројни награди и признанија, а последното е Австрискиот крст на честа за наука и уметност, кој му го додели австриското Сојузно министерство за просвета, уметност и култура во ноември 2013 година. Славниот словенечки маестро Урош Лајовиц во изминатите години држи и  мастеркласови со оркестри на кои се пријавуваат млади диригенти кои потоа ги водат концертните програми. Токму таков ќе биде и вечерашниот концерт, на кој ќе настапат најдобрите осум пријавени диригенти, со кои маестро Лајовиц работеше во измината недела.

Skip to content