САФИ

САФИ

Диригент:
Солисти:

Диригент: Виктор Митревски (Македонија/Австрија)
Солисти: Благој Нацоски – тенор (Македонија/Италија)
Лука Чамаруги – пијано (Италија)

Програма:
В.А.Моцарт: Увертира од операта „Така прават сите“

В.А. Моцарт: Концерт за пијано и оркестар бр.18, KV 456
Allegro vivace
Andante un poco
Allegro vivace

пауза

Ф. Шуберт: Соло песни за тенор и оркестар
– An die Musik, D 547 („За музиката“) орк. Макс Регер
– Erlkönig, D 328 („Кралот на елфовите“) орк. Франц Лист
– Du bist die Ruh, D 776 („Ти си мирот“) орк. Макс Регер
– Ständchen, D 957 („Серенада“) орк. Феликс Мотл
– Die Forelle, D 550 („Пастрмка“) орк. Алесандро Д‘Агостини
– Der Wegweiser, D 511 („Водич“) орк. Иван Еминовиќ

Г.Малер: Две песни од циклусот „Волшебната хорна на момчето“
– Rheinlegendchen („Мала легенда од реката Рајна“)
– Wo die schönen Trompeten blasen („Каде што свират убавите труби“)

*Концертот е поддржан од Италијанската Амбасада во Скопје и од Италијанскиот Институт за култура од Белград*

В.А. Моцарт: Увертира од операта „Така прават сите“

Комичната опера „Така прават сите“ од Вофганг Амадеус Моцарт првпат била изведена на 26 февруари 1790 година во „Бургтеатар“ во Виена. Либретото е на Лоренцо да Понте кој ја напишал приказната и за оперите „Свадбата на Фигаро“ и „Дон Џовани“.
Делот во насловот „сите“ се однесува на жените и најчесто во англискиот превод на оваа опера е „Жените се такви“.
По премирата се извела уште пет пати, а потоа изведбата на операта „Така прават сите“ била стопирана поради деновите на тага поради смртта на Јозеф Втори. Истата година се извела уште неколку пати, а потоа не се извела ниту еднаш до смррта на Моцарт. Британската премиера на оваа опера била во 1811 година, а во САД првпат била изведена на сцената на „Метрополитен“ во 1922 година.
Увертирата е поделена во два дела – поспор и брз. Поспориот дел започнува со лирско соло на обоата, после кое се слуша фраза од аријата на Дон Алфонсо од вториот чин на операта. Брзиот став носи тема во синкопиран ритам која ја свири целиот оркестар. Увертирата ја најавува музичката структура на операта и нејзиниот комичен карактер преку препознатливата призма на композиторскиот стил на Моцарт.

В.А. Моцарт: Концерт за пијано и оркестар бр.18, К.456

Во 1784 година, Моцарт работел интезивно во Виена, музичкиот центар на Европа во тоа време, каде што се преселил три дена порано. Таа година, 28 годишниот Моцарт напишал шест концерти за пијано, од кои најголем дел ги извел и како солист. Самиот ги каталогизирал своите дела, а Концертот за пијано и оркестар бр. 18 го запишал дека бил завршен на 30 септември.
Во февруари следната година го посетил и неговиот татко Леополд кој бил импресиониран од креативниот елан на својот син, а во писмо до неговата ќерка Нанерл напишал и дека освен него, полн со имресии од творечкиот капацитет на Моцарт бил и Јозеф Хајдн кој по една заедничка средба изјавил: „Се колнам во бога дека вашиот син е еден од најдобрите композитори кои ги познавам“.
Писмата на Леополд нотираат дека Концертот број 18, бил изведен на 13 февруари, еден ден по изјавата на Хајдн, а солист бил самиот композитор. Концертот и го посветил на Марија Терезија вон Парадис, позната пејачка, пијанистка и композиторка. Затоа овој концерт меѓу пошироката музичка јавност е познат и како „Парадис“.
Првиот став започнува со тема која ја носат гудачите. Дувачите како ехо ја репродуцираат истата мелодија со истиот интензитет. Втората тема во овој став ја носат дрвените дувачки во корелација со гудачите. Пијаното влегува со музичка „ре-посета“ на овие теми, претворајќи го ставот во деликатна конверзавија меѓу солистот и дрвените дувачи.
Вториот став е изграден на една тема и нејзините пет варијации кои финишираат со кода. Првите виолини ја носат меланхоличната тема, со поддршка од оркестарот, а соло пијано ја презентира првата варијација самостојно, со минимална придружба од оркестарот на крајот од фразите.
Финалето, последниот став од овој концерт има форма на рондо, со шармантна тема која се провлекува во целиот програмски дел. Моцарт во овој став прави деликатно заокружување на концертот со светла и оптимистички обоена музичка завршница, типична за поголемиот дел од неговиот опус.

Ф.Шуберт: Соло песни за тенор и оркестар

Франц Шуберт е австриски композитор кој се смета за последен мајстор на виенската класична школа. Тој воедно е и еден од раните поборници на музичкиот романтизам. Иако умрел млад, на 31 година, напишал повеќе од 600 соло песни, девет симфонии, сонати, квартети, неколку опери и многу други дела. Шуберт се смета за еден од најталентираните композитори во 19 век.
Најголем дел од животот го поминал во Виена, имал прилично скромен живот, работејќи како учител по музика. Соло песните се значаен дел од неговиот творечки опус и во оваа форма тој го дал својот максимум како композитор. Жанрот кој претходно се сметал за безначаен го поставил на ниво на уметничко совршенство. Токму комбинацијата на она што дотогаш се сметало за неспоиво е суштинска карактеристика на неговата музика, и вокалните дела – тој во својот опус ги споил минјатурата со големите форми, песните со симфонизмот. Музичкиот вокален свет на Шуберт е преполн со едноставни и интимни човечки чувства и емоции, проткаени со најсуптилните и најдлабоките психолошки искуства. Оваа исповед на душата, Шуберт ја обликувал преку специфичниот звук и музичка естетика во своите дела.

Г.Малер: „Волшебната хорна на момчето“

„Волшебната хорна на момчето“ е вокален циклус на Густав Малер инспиприран од фоклорни песни од истоимената збира на Аким вон Арним и Клеменс Бретано објавена во периодот меѓу 1805 и 1808 година.
Десетте песни за сопран, или баритон и оркестар се публикувани од Малер како циклус во 1905 година.
Збирката со песни, поеми и афоризми на Арним и Брентано претставува посвета на германската културата. Големиот поет Хајнрих Хајне напишал дека „секој кој сака да го запознае германскиот јазик и култура треба да ги проучи овие фолклорни песни“. Иако многу германски писатели се инспирирале од оваа збирка, а Малер е првиот композитор кој музички се инспирирал од ова ремек-дело за да го напише вокалниот циклус „Волшебната хорна на момчето“. Во секоја песна Малер внесува различни емоции во зависност од текстуалниот контекст. Генијалноста на Малер како еден од најзначајните композитори во историјата на музиката се рефлектира и во овој циклус преку специфична оркестрација и третман за звукот.

Текстови:
Ангелина Димоска, музиколог

Следни настани