По цели 73 години од своето постоење, Филхармонија на РСМ конечно доби свој дом. Нов музички храм кој ќе почне да испишува и нова историја на најстарата национална музичка институција во земјава. Сместена помеѓу Државното музичко-балетско училиште „Илија Николовски-Луј“ и Македонската опера и балет, современата концертна сала изградена по светските стандарди за тоа како треба да изгледа и да функционира простор наменет за симфониски оркестар, е мелем за очите. Нејзиното издигнување значеше и заокружување на толку неопходната музичка и воопшто уметничка димензија на градот.
Филхармонија на РСМ е првиот и единствен симфониски оркестар во Република Северна Македонија, а со тоа и единствен постојан репрезент на симфониското творештво на македонската музичка сцена. Во последната декада особено, оваа институција го подмлади оркестарот и со тоа внесе нов елан и ентузијазам и силна желба за работа. Денес, звукот е издигнат на високо квалитативно скалило, а својата програма редовно ја збогатува со комплексни и нови, современи дела, кои се предизвик и за светските симфониски оркестри. Инвентивниот и креативен репертоар е во баланс со традиционалните музички вредности и токму тоа ја привлекува публиката, особено новите генерации на слушатели.
Оркестарот е формиран на 24 ноември во 1944 година, по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје. На ул. „Крушовска“ бр. 27, во домот на композиторот Тодор Скаловски, еден од стожерите на македонската музичка култура, се одржал првиот состанок на група музичари со цел да формираат симфониски оркестар, да го формираат првиот Државен оркестар, да ги стават темелите на една голема културна институција, прва од таков вид во ослободена Македонија. Создавањето на Филхармонија во едно такво време-невреме, е всушност револуција во духовната смисла на зборот. Револуција што ќе ја направат само неколкумина уметници кои наместо пушки, во рацете ќе држат музички инструменти со кои ќе „пукаат“ со чудесните звуци на најубавата уметност – музиката, погодувајќи ги нивните следбеници директно во срцето.
Од тие скромни почетоци, па се до денес, во повеќе од седумдецениското постоење, Филхармонија остварила незаборавни концертни мигови исполнувајќи широк репертоар од светската класична музичка литература, како и светски премиери од современи автори, оживувајќи ги со особена гордост и делата на македонските музички творци. За време на неговото постоење, овој оркестар повеќе пати бил преименуван и приклучуван кон други институции (Национална опера и балет и Македонско радио), за во 1960 година конечно да се конституира како самостојна музичка институција. По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, Филхармонија под раководство на светски афирмираниот диригент Игор Маркевич, остварува европска турнеја која е од исклучително значење за солидарноста што му беше укажана на настраданиот град од страна на народите ширум Европа и светот.
Со текот на годините, Филхармонија на РСМ прерасна во еден од главните носители на музичкиот живот во земјата и амбасадор на македонската уметност во светот. Покрај редовните концертни настапи на домашната сцена, симфонискиот оркестар има остварено гостувања ширум светот достојно презентирајќи го звучното наследство на својата земја. Зад диригентскиот пулт, со оркестарот на Македонската филхармонија застанале врвни диригентски имиња, меѓу кои и основачите Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев, потоа маестрата Ловро фон Матачиќ, Ванчо Чавдарски, Фимчо Муратовски, Ангел Шурев, Карло Цеки, Нееме Јарви, Игор Маркевич, Оскар Данон, Душан Сковран, Александар Лековски, Перо Петровски, Томислав Шопов, Ѓура Јакшиќ, Младен Јагушт, Вероника Дударова, Емин Хачатуријан…, а во поново време и Саша Николовски-Ѓумар, Борјан Цанев, Тадеуш Козловски, Дорон Саломон, Јуриј Темирканов, Вјачеслав Блинов, Павле Дешпаљ, Ермир Крантја, Рамиз Мелик Асланов, Антон Нанут, Јануш Пшибилски, Стефан Лано, Урош Лајовиц, Емил Табаков, Леонид Николаев, Тимоти Редмонд, Еван Крист, Кшиштоф Пендерецки, Хишам Габр, Мартин Пантелеев, Пол Вајголд, Пол Меккриш, Дмитри Лис, Михал Нестерович, Кејс Скалионе, Јерухам Шаровски, Даниел Рајскин…
На подиумот како солисти пак, гостувале реномирани вокални и инструментилни уметници, меѓу нив и Алдо Чиколини, Халина Черни-Стефанска, Хенрих Шеринг, Леонид Коган, Андре Навара, Хозе Карерас, Цимон Барто, Дејвид Герет, Иља Гринголц, Торлеф Тедеен, Александар Мелников, Јосиф Иванов, Валериј Соколов, Изабел Фауст, Ан Халенберг, Емануел Пају, Даниел Милер-Шот, Борис Березовски, Акико Суванаи, Сергеј Крилов, Нинг Фенг, Ејми Диксон, Иштван Вардаи, Мидори Гото, Алексеј Володин, Евгениј Корољов, Сајака Шоџи, Симон Трпчески, Ана Дурловски, Благој Нацоски, Ѓорѓи Димчевски, Дино Имери… Во последните години, Филхармонија изгради свој специфичен имиџ по кој стана препознатлива како институција не само во рамките на својата земја, туку и многу пошироко, во регионот и во Европа.
Програмската политика на оваа институција создаде нова форма на изразување за да ги задоволи вкусовите на различните профили на слушатели. Инвентивните програми со кои се прошири жанровската и естетската рамка ги зголемија и можностите на оркестарот, а особено шармантни се едукативните симфониски концерти наменети за најмладите кои на современ начин имаат за цел да создаваат нови вљубеници во класичната музика. Филхармонија, и со креативните дизајни на печатените материјали и специфичните маркетинг решенија, продолжува да го следи она што е мејнстрим и во Европа и во светот и да биде во ист чекор со новите струења во сферата на класичната и не само на класичната музичка уметност.