Vlladimir Llazarevski
oboa e parë
Роден е во 1979 година. Свири обоа од својата петнаесетта година. Дипломира и магистрира во 2003 година на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Бугарија, во класата на проф. Георги Желјазов. Една година подоцна, заминува на двегодишна специјализација во Бостон, САД, како стипендист на музичката академија „Лонџи“ под менторство на обоистите на Бостонскиот симфонски оркестар Вејн Рејпиер и Марк Мекеван. По враќањето од САД, ја продолжува својата академска наобразба на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ и во 2013 година станува доктор на музички науки и музичка уметност од областа на камерната музика и обоата.
Лауреат е на меѓународниот музички натпревар „Алегро виво“ во Австрија (2002), како и на „Земјата и луѓето“ во Бугарија (2001). Добитник е и на државни награди за обоа и камерна музика.
Вработен е како прв обоист во Македонската филхармонија, а е ангажиран и како вонреден професор на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип од неговото формирање во 2007 година. Исто така, член е на камерниот квартет „Мјузик прогресив“, на ансамбалот за современа музика „Контемпора“ и симфонискиот оркестар за филмска музика F.A.M.E.’S.
Свири на сопствена обоа „Лаубин“, изработена од ружино дрво од легендарниот американски мајстор за обои Пол Лаубин.
„Знам што сакам од животот и не се двоумам кога правам избори. Стојам цврсто на земја, па летам само кога треба да се отпатува подалеку или кога свирам на обоа. Затоа и сум горд на мојот ‘Лаубин’ кој го пронајдов за време на мојата специјализација во Бостон, САД, а чиј звук ми служи верно на сите концерти. Комуникативен сум и доста активен, а вербата во позитивната мисла и споделувањето на малите радости со најблиските е тоа што ме движи напред“.