Marija Trajkovska
violinë
Родена е во 1992 година во Неготино. Почнува да свири виолина на девет години. Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко и Љубиша Кировски. Продолжува со високото образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје кај проф. Михајло Куфојанакис, подоцна оди и на приватни часови кај Сихана Бадивуку. Во 2013 година, полага аудиција и добива полна стипендија за додипломски студии при конзерваториумот на Универзитетот Лин во Јужна Флорида. Во текот на своите студии во Америка, има учествувано на многубројни мастер-класови, концерти, натпревари и фестивали. Во текот на студирањето, учи во класата на реномираниот виолинист и диригент Гијермо Фигероа. Во рамките на конзерваториумот е дел и од филхармонијата која функционира како професионален оркестар, а исто така е дел од камерниот оркестар на конзерваториумот, кој настапува со многубројни светски познати солисти како што е Џошуа Бел. Дипломира како почесен студент со cum laude во 2017 година. По враќањето во Македонија, почнува да работи во Македонската филхармонија како хонорарец, а во 2019 година, по полагање аудиција за вработување, добива и постојано работно место во групата втори виолини.
Хоби ѝ е да креира креативна и едукативна содржина за нејзиниот Инстаграм, Јутјуб- канал и веб-страница (violynning), на кои има повеќе од 21.000 следбеници. Исто така, има класа на ученици од целиот свет, а од неодамна е дел од тимот на Трала апликацијата од Чикаго, наменета исклучително за учење виолина целосно онлајн.
Неколкупати неделно има музичка работилница со лица со посебни потреби со кои обожава да се дружи, бидејќи има сестра која, исто така, е со посебни потреби. Останатото слободно време го поминува со семејството, во готвење, гледање филмови, читање и прошетки во природа.