Ivan Bejkov

kontrabas

Роден е во 1978 година во Скопје. Средно музичко училиште, Музичка академија и магистратура завршува со највисок успех во Скопје на отсекот за контрабас во класата на проф. Велко Тодевски. За време на студиите, па сѐ до денес, активно, професионално учествува во работата на елитни оркестри во земјава и надвор од неа. Активен е како инструктор по класичен и џез-контрабас и бас-гитара во школата на Тони Китановски. Одржува мастер-класови во високообразовни институции. Во 1997 година е член на оркестарот „Ист Вест“ во Лајпциг, Германија.Од 1999 до 2001 година е хонорарен соработник во Македонската опера и балет.Од 1998 до 2007 година е хонорарен соработник во Македонската филхармонија, а од 2008 година се вработува во истата институција.Од 2008 година е доцент по контрабас и камерна музика на Факултетот за музичка уметност во Штип.Има многубројни настапи како солист и со различни камерни состави и симфониски оркестри, меѓу кои и со Македонската филхармонија.Шест години членувал во ансамблот „Мирче Ацев“ под раководство на Пеце Атанасовски.

Соработува со повеќе професионални состави од различни жанрови, активни на интернационалната музичка сцена: „Проект жлуст“, „Тони Китановски Черкези“, „Тони Китановски трио“, „Влатко Стефановски трио“… Настапувал со врвни светски уметници, како што се: Вилијам Паркер, Малколм Брн, Дамо Сузуки, Јошико Чума, Грег Хопкинс, Франк Лондон, Теодосиј Спасов…

Учествува на реномирани фестивали во Европа, Азија и Америка, меѓу кои и на џез-фестивалите во Берлин, Виена, Париз, Ротердам, Лондон, Њујорк…

Компонира авторска музика, како и филмска музика за филмовите „Како убив светец“ на Теона Митевска и „Меџик мистери кјур“ на Александар Станковски, како и за поголем број документарни филмови и театарски претстави.

Добитник е на повеќе награди за својата креативна инструментална работа.

Skip to content