Dimçe Bellçovski
trombon i parë
Еден од најистакнатите македонски уметници на својата генерација. Средно музичко образование завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, инструмент тромбон, во класата на проф. Т.Тодоров, каде што се стекнува со бројни државни и меѓународни награди, од кои за посебно одбележување е неговото учество со целосно стипендирање на летниот музички камп во Интерлохен, САД, во 2001 и 2002 година, каде што настапува како прв тромбонист во Светскиот младински оркестар во конкуренција на музичари од целиот свет. Покажувајќи исклучителен талент и успешни резултати на летниот камп, Белчовски добива понуда за стипендирање и комплетирање на средното музичко образование во истоимената Музичка академија Интерлохен во класата по тромбон на проф. Том Рикобоно. Своето високо образование го стекнува на еден од прворангираните универзитети во САД, EastmanSchoolofMusic, во Рочестер, Њујорк, каде што е добитник на голем број награди и признанија.
Учествува на бројни семинари и работилници кај водечки светски тромбонисти од филхармониите во Њујорк со Џо Алеси, Чикаго со Чарлс Фриман, Бостон со Даглас Лео, Лос Анџелес со Ралф Сауер, Сан Франциско со Марк Лоренс, Филаделфија со Ницан Харош, Чикаго лирик опера со Марк Фишер итн. По враќањето во Македонија во 2006 година, ги завршува магистреските студии на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.Својата професионална кариера ја почнува како прв тромбонист на Македонската филхармонија во 2008 година, каде што со својата група тромбони за краток период успева значително да го подигне нивото на музицирање, а притоа и да придонесе во целокупното квалитативно издигнување на оркестарот. Од 2016 година ја започнува својата педагошка карирера како професор по тромбон и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, од 2019 година на Интернационалниот универзитет „Еуропа прима“ во Скопје, а од 2020 година и на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Бројните освоени награди на учениците и студентите на државно и на меѓународно ниво говорат за неговата успешна педагошка приказна.Изведувачката кариера е исполнета со бројни настапи и со Македонската филхармонија и со неколкуте камерни состави што тој ги основа, како што се „Македонски брас квинтет“ и квартетот Тромбони на Македонската филхармонија. Покрај настапите во Република Македонија, бележи успешни настапи во САД, Кина, Шпанија, Израел, Италија, Германија, Хрватска, Бугарија, Србија итн.
Исто така,тој е и дипломиран инженер архитект и неретко се посветува на проектирање и креирање уникатни парчиња на мебел. Секое слободно време го користи максимално да ѝ се посвети на фамилијата со која обожава да патува и да шета во природа. Хоби му е играњето тенис со пријателите и со својот син.