Ангел Спироски (1996) во 2014та година се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје на одделот за композиција во класата на проф. м-р Дарија Андовска, а во 2015та година паралелно започнува со своите студии на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. м-р Сашо Татарчевски. Во јуни, 2019та се стекнува со диплома: оркестарски диригент, додека во февруари 2020та со диплома - дипломиран композитор (со највисоки почести – CUM LAUDE). Вториот циклус студии на студиската програма по Музичка интерпретација и композиција, насока – оркестарско диригирање, Спироски го завршува во 2021ва година. Има посетувано семинари и мастер-класови кај реномирани уметници како: Ēriks Ešenvalds (Латвија), Uroš Lajovic (Словенија), Gediminas Gelgotas (Литванија), Snezana Nesic (Србија/Германија), Olga Viktorova (Украина/Русија), Hirvo Surva (Естонија), Bernhard Wulff (Германија), Jean-Luc Fafchamps (Белгија), Steffen Schleiermacher (Германија) и др. Неговите композиции редовно се изведуваат на домашната и интернационална сцена. Во 2016та и 2017та година неговите композиции „Итерација“ за камерен ансамбл и “Ora Iacentem” за пијано трио се наградувани на „Конкурсот за откуп на музички композиции“ објавуван од страна на Министерството за култура на Република Македонија. Во март 2019та Спироски ја добива втората награда на првото издание на Балканскиот натпревар по композиција – „Сребрен Рис“ во Приштина, Косово, а со тоа и нарачка за дело од Косовската Фихармонија. Во 2020та година добива нарачка од еминентниот фестивал за универзитетски хорови – “Universitas Cantat” од Познањ, Полска. Неговата композиција „Додола“ за мешан хор е задолжителна композиција на петнаесетото издание на фестивалот кое се одржува во периодот од 17.21.05.2022, а истата композиција, македонската премиера ја доживува на 02.09.2022 како дел од програмата на јубилејниот концерт – 50 години ЖМХ при МКЦ. Во 2021ва година, Спироски добива нарачка од шеф-диригентот на Македонската филхармонија – Маестро Габриел Бебешелеа, а композицијата „Фанфари за измачените“, маестро Бебешелеа премиерно ја изведува со Македонската филхармонија на 04.02.2021. Истата година се случува и светската премиера на композицијата “…seufzt” за гудачки оркестар во Нојвид, Германија, пишувана како дел од мастерклас фокусиран на изведувачките техника присутни во музиката на денешницата, а во организација на Европската унија на музички натпревари за млади. Композицијата премиерно ја изведува ансамблот New Ideas Chamber Orchestra од Литванија. Во 2022ра година во Аоста, Италија, во рамки на Европскиот семинар за хорска композиција, композицијата “Hymn of Love” за мешан хор се наоѓа на програмата на завршниот концерт како дел од избраните композиции премиерно изведени од Arcova Vocal Ensemble. Композицијата “V-root-OKK” е премиерно изведена во рамки на 62то Охридско лето, а истата е нарачка од Музичка младина на Македонија и маестро Бројан Цанев. Како диригент, Ангел Спироски има настапувано со: вториот хор при Факултетот за Музичка уметност, хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ - Скопје, камерниот оркестар при ФМУ – Скопје, ансамблот за современа музика - „КонТемпора“, Македонска филхармонија, камерни ансамбли на Музичка младина на Македонија. Во рамки на фестивалот „DAM“ во Приштина, Косово се јавува како гостин дириген на холандскиот ансамбл за современа музика – „oerknal!“.