СРЕЌЕН ТИ РОДЕНДЕН!

24.11.2017 [Петок] @ 20:00
Редовна програма / Концертна сала
Диригент: Борјан Цанев

(Роденденски концерт на Македонската филхармонија)

 

П. Шахов: Прелудиум за оркестар бр. 2

K. Goldmark: Концерт за виолина и оркестар бр. 1 оп. 28G. Gershwin: Американец во Париз

 

Роденденот на Македонската филхармонија ќе биде одбележан и со ретроспективна изложба на фотографии поставени во фоајето на новиот музички храм.

 

Македонскиот композитор, припадник на средната генерација македонски музички творци Панде Шахов (1973) првите часови по композиција ги добива од проф. Ристо Аврамовски, а потоа се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што димпломира во класата на проф. Томислав Зографски. Како добитник на стипендијата „Чивенинг“ на Британскиот совет, завршува постдипломски студии на Кралскиот колеџ за музика во Лондон, во класата на Џулијан Андерсон. Во 2013 година докторира на Лондонскиот кралски универзитет Холовеј, под менторство на Филип Кашијан. Панде Шахов живее во Англија и предава група академски предмети на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Неговиот „Прелуидум“ бр. 2 е напишан во 2004 година, на поттик од диригентот Борјан Цанев, специјално за концертот на Софиската филхармонија во јануари 2005 година. Втор е од серијата четири прелудиуми, кои може да се изведат поединечно или како циклус. Покрај постојаното движење како една од значајните карактеристики на прелудиумот како жанр, овој прелудиум се одликува и со импресионистички елементи, како и синтеза на македонски фолклорни мотиви со комплексни џез-хармонии.

 

Концертот за виолина и оркестар бр. 1 оп. 28 од унгарскиот композитор Карл Голдмарк (1830–1915) е создаден во 1877 година, а премиерно бил изведен истата година во Бремен. Подоцна, Голдмарк напишал и втор концерт за виолина, но тој никогаш не бил објавен, бидејќи се верува дека е изгубен. Станува збор за мошне романтично дело кое почнува со унгарски марш и пасажи кои потсетуваат на естетиката на Дворжак и Менделсон во вториот и третиот став. Често е сместен на репертоарот на врвните виолинисти, меѓу кои и во програмата на Џошуа Бел. Виртуозноста што ја поседува oвој концерт на Голдмарк, со текот на времето, ги надмина неговите, исто така, популарни дела, како што се „Рустична свадбена симфонија“ или операта „Кралицата од Шиба“. 

 

Американскиот композитор и пијанист Џорџ Гершвин (1898–1937) своите први песни почнал да ги пишува во Њујорк како службеник на една издавачка куќа. Брзо стекнал популарност пишувајќи забавна музика. Неговата наклонетост кон Америка и музичките комедии на Бродвеј ќе му ја донесат светската слава со „Рапсодија во сино“, еден од најуспешните обиди џезот да се инкорпорира во концертна форма. Голем успех постигнува со неговото најдобро дело – операта „Порги и Бес“, но не е помалку важна и неговата симфониска поема „Американец во Париз“ (1928). И ова дело е опишано како симфонизирана џез-музика. Додека ја создавал, Гершвин се инспирирал од преубавиот Париз додека престојувал во него извесно време. Завршена е само четири недели пред премиерата во прочуената „Карнеги хол“ во Њујорк, во изведба на Њујоршката филхармонија под диригентство на Волтер Дамрош. 

  • П
  • В
  • С
  • Ч
  • П
  • С
  • Н