НА РУСКИ НАЧИН

09.11.2017 [Четврток] @ 20:00
Редовна програма / Концертна сала
Диригент: Емил Табаков

S. Rachmaninoff: Концерт за пијано и оркестар бр. 3

S. Prokofiev: Свита „Вљубен во три портокали “ оп. 33

P. I. Tchaikovsky: Увертира –фантазија „Ромео и Јулија“

 

Рускиот виртуоз на пијаното Борис Березовски (1969) ужива голема репутација во Европа и во светот. Музичката критика е едногласна во мислењето дека Березовски во моментов е еден од најмоќните пијанисти кој поседува уникатна техника и сензитивност, кој има специфичен пристап кон пијаното и, воопшто, кон музиката која што ја изведува.По неговото деби во Лондонскиот „Вигмор Хол“ во 1988 година, реномираниот весник „Тајмс“ го опишува Березовски како „уметник со исклучително ветување и пијанист со занемувачка виртуозност“. По две години, тој ги докажува своите квалитети на престижниот конкурс „Чајковски“ во Москва, каде што ќе му биде доделен златен медал. Оттогаш настапува со врвни оркестри, меѓу кои и со Њујоршката филхармонија, оркестарот „Филхармонија“ од Лондон, Ротердамската филхармонија, со диригенти како што се Курт Мазур, Владимир Ашкенази, Михаил Плетњов, Дмитри Китаенко, Антонио Папано, Густаво Дудамел...

Долгите прсти на рускиот музички мајстор Сергеј Рахмањинов му биле мошне корисни да ги совлада техничките предизвици во сите негови четири концерти за пијано. Некои биографи ќе запишат дека до 1996 година, Концертот за пијано бр. 3 бил во сенка поради велелепноста на неговиот Втор концерт за пијано. Тоа, сѐ до појавата на популарниот филм „Шајн“, кој ја раскажува вистинската приказна за пијанистичкиот гениј Дејвид Хелфгот, каде што романтичниот „Рах 3“, како што често го нарекуваат пијанистите, се употребува моќно во филмот и е негов лајтмотив. Девет години по премиерата на неговиот Втор концерт за пијано, Рахмањинов го создал Третиот концерт во 1909 година, вистинско ремек-дело и можеби еден од најкомплексните во пијанистичката литература...

Увертирата-фантазија „Ромео и Јулија“ на рускиот великан на музиката Петар Илич Чајковски (1840–1893), кој зад себе остави вистинско звучно богатство, е уште еден од неговите бисери. Таа е инспирирана од трагедијата на Шекспир, но се движи во слободна форма, земајќи ги предвид некои од епизодите на приказната.

Рускиот композитор Сергеј Прокофјев (1891–1953), по револуцијата во 1918 година, ја напуштил Русија и живеел периодично во Јапонија, Германија и во Америка. Токму во Чикаго доживеало праизведба едно од неговите најзначајни дела, операта „Вљубен во три портокали“ оп. 33 создадена по сопствено либрето (1919). Првично, ова дело наишло на тешкотии во освојувањето на публиката, било лошо оценето и кај критиката, а и во репертоарската политика на оперските куќи не станувало збор за негова постановка. Но, Прокофјев го решил овој проблем така што ја ревидирал операта и создал концертна верзија во шест става (1924). Станува збор за сатирична опера во која во прологот се мешаат различни театарски ликови, трагичари, комичари, лиричари и ексцентрици кои грубо се расправаат околу изборот за тоа каква претстава сакаат да гледаат.

 

 

  • П
  • В
  • С
  • Ч
  • П
  • С
  • Н