КОЛАЖ

26.11.2020 [Thursday] @ 20:00
Редовна програма / Концертна сала

Диригент: Габриел Бебешелеа (Романија)

Солист: Анастасија Кобекина – виолончело (Русија)

Програма: 

К. Сен-Санс: Концерт за виолончело и оркестар бр. 1

К. М. фон Вебер: Симфонија бр. 1

*Концертот е во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености“

 

К. Сен-Санс: Концерт за виолончело и оркестар бр. 1 во а-мол, оп. 33

Францускиот композитор Камиј Сен-Санс (1835 – 1921) е исклучителна фигура во историјата на музиката. Како млад бил модернист, а во подоцнежниот опус им се навратил на големите мајстори од минатото – тие се чувствуваат како далечно ехо во неговиот музички опус. Бил романтичар, но и неокласичар.

Кога го напишал првиот Концерт за виолончело во 1872 година, сè уште бил контроверзна фигура во француските музички кругови, каде што важел за модерен радикален композитор и почитувач на Вагнер. Бил млад и успешен, а Хектор Берлиоз, неговиот колега и ривал кој бил три децении постар од него, во една прилика рекол дека  „Сен-Санс знае сè, но му недостасува неискуство“. Сен-Санс живеел доволно долго за да ги надживее своите антагонисти и да се избори за свое место на светската музичка сцена – како радикален и модерен композитор со препознатлив стил. Концертот за виолончело нема конвенционална класична форма. Создаден е во еден став кој е поделен на три дела кои се надополнуваат и инспирираат еден од друг. Првиот дел претставува дијалог меѓу солистот и оркестарот кој се развива по принципот на прашање и одговор, вториот дел е динамичен и вклучува солистичка каденца, а во третиот дел Сен-Санс презентира две нови теми и се навраќа на темите од првиот дел, заокружувајќи ја концертната целина. Концертот е ремек-дело, еден од најзначајните напишани за виолончело во светската музичка литература и во него Сен-Санс на совршен начин ги презентира сите можности на инструментот, во секој негов регистар... Уште по првата изведба, ова дело им се допаднало и на критичарите и на публиката, зашто во него Сен-Санс „отстапил од радикалните музички тенеденции“ кои ги следел во неговата младост.  

 

К. М. Вебер: Симфонија бр. 1 во це-дур, оп. 19

Карл Марија фон Вебер (1786 – 1826) е германски композитор, диригент, виртуоз, новелист и една од најзначајните фигури на германскиот романтизам. Неговата опера „Волшебниот стрелец“ од 1821 година, веднаш по премиерата, ја поттикнала имагинацијата на публиката во Европа, како трансформативен настан во историјата на романтизмот кој внел нова сензибилност во музиката. Неговите увертири „Евријанте“ и „Оберон“ се стандарден репертоар на симфониските оркестри денес. Делата на Вебер биле инспирација за Вагнер, Лист, Глинка, Хиндемит...

Симфонија бр. 1 е ран обид за креирање супериорна драма и мелодија кои се типични за неговиот подоцнежен опус. Ја напишал во периодот меѓу 1806 и 1807 година кога работел во дворот на војводата Еуген Фридрих Хајнрих од Вутемберг. Вебер ја напишал оваа симфонија две години подоцна откако Бетовен ја завршил својата Трета симфонија. Доколку се анализира од тој аспект, таа може да се дефинира како ефективна и концизна, школска и јасна. Музиколозите обично не го занемаруваат овој податок кога ја анализираат оваа симфонија, но, исто така, и не забораваат да ја истакнат и важноста на ова симфониско дело во развојот на творештвото на германскиот композитор. Симфонијата има четири става во кои Вебер ги сумблимира основните придобивки од класицизмот – во првиот став доминираат инспирации од оперските дела на Моцарт, вториот став има деликатна оркестарска атмосфера, а последните два става се музичка завршница во која ги следи традиционалните класични модели на креација.

 

76 години – создаваме музика!

Во изминатите 76 години оркестарот на Филхармонија активно музицира, изведувајќи комплексни дела, со врвни солисти и диригенти кои моментно се актуелни на светската музичка сцена.

Филхармонија е единствена институција во земјава која го афирмирира и го изведува симфониското музичко творештво. Преку редовните концерти ја етаблира и ја промовира класичната музика, приближувајќи ѝ ја оваа форма на музицирање на публика од различни генерации. Со различни програмски концепти – од строго класични до оние наменети за најмладите, како и масовно посетените концерти кои традиционално се одржуваат во Градски парк во Скопје, Филхармонија успеа да таргетира широк аудиториум кој редовно ги следи сите содржини. Токму преку разнородниот програмски концепт кој, главно, ротира околу класиката, со повремени концертни содржини кои излегуваат надвор од строгите рамки на т.н. железен репертоар, Филхармонија во последниве години успеа да регрутира нова, помлада публика.

И во овие тешки времиња за сите, кога се соочуваме со многу предизвици, продолжуваме со реализација на нашите концерти, под строги протоколи со цел да ја заштитиме и публиката и музичарите кои свират на сцена...

Музиката е живот. Затоа нашите срца имаат ритам. Седумдесет и шест години ги исполнуваме вашите срца со музика. Продолжуваме понатаму...

Нека ни е среќен 76. роденден!

  • M
  • T
  • W
  • Th
  • F
  • S
  • S
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
  • 6
  • 7
  • 8
  • 9
  • 10
  • 11
  • 12
  • 13
  • 14
  • 15
  • 16
  • 17
  • 18
  • 19
  • 20
  • 21
  • 22
  • 23
  • 24
  • 25
  • 26
  • 27
  • 28
  • 29
  • 30