Џијан Емин

Роден во Скопје, Џијан Емин е сестран музичар со големо искуство во областа на музичката уметност. Повеќе од една деценија тој е прв хорнист во оркестарот на Македонската Филхармонија, а паралелно се појавува во разни состави како мултиинструменталист и композитор на музика за различни состави, музика за театарски претстави и филмска музика. Се јавува и како продуцент на неколку албуми, а досега бил и уметнички директор на неколку музички фестивали. Во сите функции вметнува сопствен индивидуален и мошне креативен израз, кој не може а да не се забележи. 
 
Досега соработувал со повеќе реномирани музички имиња добитници на наградите Оскар и Греми, како: А. Р. Рахман, Франк Лондон, Боб Стјуарт, Франческо Беарцати, Лука Аквино, Џанлука Петрела, Малколм Брн, Дамо Сузуки, Дерик Меј, Хуан Аткинс, Џеф Милс, Глорија Естефан, групата „Аир“, „АХА“ , соработка со продуцентот на „Дафт Панк“ и многу други. Составен дел е и од многу други оркестри, вклучувајќи ја и Белградската филхармонија, оркестарот „Ноу Бордерс“, оркестарот „Исток-Запад“, оркестарот „Фејмс“ задолжен за снимање на филмска музика каде што освен како хорнист, работи и како оркестратор и диригент. Во изминативе години е потпишан како оркестратор на повеќе од 50 проекти од различни жанрови од кои најголем број се од светската филмска продукција. 
 
Како диригент  застанува зад пултот на повеќе оркестри како што се Македонската Филхармонија, Симфонискиот оркестар на Детроит, Симфонискиот оркестар на Мелбурн, Симфонискиот оркестар „Ламурo“ од Париз, Фламанскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Кан, Белградскиот Симфониски Оркестар, Данубиа Оркестра Обуда - Будимпешта, изведувајќи музика за која е задолжен како композитор и оркестратор.  
 
Џијан Емин е еден од водечките современи музичари во Македонија и во регионот, а таква репутација полека стекнува и во светот, што на некој начин е природно кога се работи за високо ниво на музицирање.