Денис Кожухин

Добитникот на првата награда на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ во Брисел, на свои 23 години, Денис Кожухин (1986) се етаблира како еден од најголемите пијанисти на неговата генерација. Критиката едногласно ќе го нарече „волшебник на пијаното“. Неговата техника е беспрекорна и тој мудро ги комбинира сјајот и моќта на она што го изведува. Поседува одлично чувство за моделирање на формата, зрелост и уникатна чувствителност. Само минатата сезона тој настапи со врвни оркестри меѓу кои и со „Концертгебау“, Симфонискиот оркестар на Чикаго, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Филаделфија оркестарот, Кралската филхармонија во Стокхолм, Филхармонијата во Осло, Камерниот оркестар „Малер“, Симфонискиот оркестар на Би-би-си, Берлинска филхармонија, „Карнеги хол“...,  со врвни диригенти како Темирканов, Кристијан Јарви, Петренко, Јамада... Како рецитален пијанист, настапите на Кожухин ги вклучуваат и „Концертхаус“ во Виена, Филхармонијата во Келн, „Вигмор Хол“, „Вербие“ фестивалот, Иитернационалните пијано-серии во Лондон, како и учеството на отворањето на „Пјер Булез“ концертната сала во Берлин заедно со маестро Даниел Баренбоим. Зад себе има неколку изданија со изведба на концерти за пијано и оркестар од Григ, Чајковски, соло дела од Брамс..., за кои е добитник на наградите „Избор на уредникот“ на „Грамофон“ и „ЦД на месецот“ во магазинот „Фоно Форум“. „Грамофон“ ќе го опише како пијанист со „длабок, култивиран музички инстинкт, развиена и разновидна техника, но ненаметлива... Слушајќи го Кожухин, музиката станува неоспорна, комплетна...“ Како камерен музичар, пак, соработува со извонредни имиња настапувајќи на сите светски престижни фестивали за класична музика. Денис Кожухин е роден во Нижни Новгород, Русија, во семејство на музичари. Почнува да изучува пијано на пет годишна возраст под менторство на неговата мајка, а потоа го посетува Музичкото училиште „Балакирјев“ во класата на Наталија Фиш. Од 2000 до 2007 година, Кожухин студира на престижната „Реина Софија“ во Мадрид со Димитри Башкиров и Клаудио Мартинез-Менер. Студиите ги комплетира на Музичката академија на езерото Комо во Италија, а во последниве неколку години е под менторство на славниот пијанист и диригент Даниел Баренбоим.