Македонската филхармонија и винарската визба „Тиквеш“ ја официјализираа соработката

 
Македонската филхармонија со гордост го најавува почетокот на соработка со престижната компанија, винаријата „Тиквеш“, една од најдобрите винарии, но и воопшто компании во Македонија, па и пошироко. По тој повод, денеска во просториите на Македонската филхармонија се одржа прес-конференција, на која говореше и директорот Виктор Илиески.
 
„Сите знаеме дека кај нас е навистина тешко да се обезбедат спонзорства коишто би вложиле во културата, во уметноста, и токму затоа оваа соработка за нас е мошне значајна. Познато е, исто така, дека традицијата на винарството во Македонија е голема, затоа што ова е поднебје каде што се создаваат навистина добри вина, со мирис на југот, со вкус на песната. А, токму ‘Тиквеш’ има огромен удел во тоа не само да ја продолжи традицијата, туку и да го одржи и зголеми квалитетот на винарската индустрија“, истакна Илиески.
 
„Од ‘Тиквеш’ велат дека без мисија нема цел, без визија нема одредиште, без вредности нема водечки принципи. Ние, тимот на Македонската филхармонија, исто така имаме визија, имаме цел и мисија, во насока на негување на вистинските културни вредности. И токму затоа, нашата соработка, доколку се водиме по овие принципи, ќе биде долга и успешна. ‘Тиквеш’ создаваат автентични и квалитетни производи, а Македонската филхармонија прави единствени, неповторливи музички случувања со несомнен квалитет. На подиумот застануваат врвни светски и домашни солисти и диригенти, имиња кои и светот ги бара“, додаде тој.
 
Горди сме, рече Илиески, како тим на Македонската филхармонија, што и нашата институција е дел од тимот на винаријата „Тиквеш“. „Тоа е наша, а се надевам и нивна привилегија. Благодарни сме што имаат слух и доблест да поддржат вистински уметнички вредности. Виното и музиката отсекогаш оделе заедно, па така, се надеваме дека оваа наша заедничка соработка ќе вроди со уште поубави плодови.“
 
Илиески го најави и следниот концерт на Македонската филхармонија, веќе традиционален, концертот по повод Денот на вљубените. Овој пат ќе се одржи на вистинскиот датум, на 14 февруари во среда. Тој потенцираше дека билетите се веќе распродадени, што рече, кажува за големиот интерес од страна на публиката за настаните што ги организира оваа институција.
 
„Овој пат правиме еден навистина уникатен, несекојдневен концерт. Под диригентство на Џијан Емин, и во негови аранжмани, ќе бидат изведени теми од култните и влијателните уметници и групи како Леонард Коен, Ник Кејв, Том Веитс, Џони Кеш, ‘Портисхед’, ‘Масив Атак’, Ненси Синатра.. Како солисти ќе настапат пејачите Бранислав Николов, познат како вокалист на групата „Фолтин“ и Тања Царовска, која кариерата ја гради и надвор од земјава. Ќе учествува и актерот од Прилепскиот театар, Димитар Ѓорѓиевски. Особено го истакнувам овој настан, затоа што правиме нешто поинакво од она што се пласира не само на подиумот на Македонската филхармонија, туку воопшто на музичката сцена кај нас, па и во светот. Голем дел од композициите коишто ќе бидат изведени таа вечер, првпат добиваат оркестарски аранжмани“, рече Илиески.