Da Capo All Infinito

(Обраќање на Марко Коловски по повод 73-от роденден на Македонската филхармонија)
 
Имам посебна чест вечерва, на роденденот на нашата и вашата Македонска филхармонија, да ви се обратам. Честа е посебна од една сосема разбирлива причина: столбот на нашата музичка култура, оркестарот со кој раснеа и израснаа генерации наши сограѓани, со кој раснеа и израснаа во големи македонски и светски исполнителски имиња речиси сите наши истакнати музички уметници и диригенти, и конечно, со чијашто помош се раѓаа, а потоа допираа до нас речиси без исклучок оркестарските композиции на сите генерации македонски композитори - значи, овој, како што со право го нарекуваме ’рбет на македонската музичка култура, дури во годинава кога го слави својот 73 роденден конечно влезе во свој дом. Во овој дом, којшто, исто така – конечно – ги задоволува сите светски стандарди за ваков вид градби. Ете, токму затоа, овој ден е посебен и честа којашто ја имам да ви се обратам е посебна. И ме исполнува со возбуда и со радост.
 
Пригодава е, како што реков - единствена и затоа во наредните минути ќе се обидам бегло да ве потсетам не некои маркантни моменти и имиња од оваа, според многу нешта – славни историја на Македонската филхармонија.
 
Не беа минати ниту две недели од ослободувањето на Скопје, кога во домот на семејството Скаловски, а по директива на АГИТПРОП-ОТ на тогашната Влада на Народна Република Македонија, на 24 ноември 1944 година се состанаа единаесет, тогаш познати музичари и донесоа одлука да се формира симфониски оркестар. Овој ден е историски и со право се смета за роденден на Македонската филхармонија, иако, како и многу други институции, своето денешно име и статус го доби многу подоцна.
 
Само четири дена потоа, на 28. Ноември се одржа првата проба на која присуствуваа 26 члена на овој оркестар и со која раководеше диригентот, и пред сѐ истакнат македонски композитор – Трајко Прокопиев. Две недели по историскиот чин на оваа света рожба, се случи и првиот настап: на 8.-ми декември, на Свечената академија по повод прославата на денот на „Свети Климент Охридски“. Заради историјата треба да се знае дека тогаш за прв пат од македонски симфониски оркестар прозвучеа две популарни дела од опусите на Чајковски и Дворжак.
 
Моментов, се разбира, не е таков за да може, не детално, ами дури ни површно да се спомнуваат настаните што следеа потоа. Во првите години не беа многу чести. Барем гледано од денешна перспектива. Неколку пригодни настапи по влегувањето на оркестарот во составот на Радио Скопје, и првиот самостоен целовечерен симфониски концерт есента 1945 година, под диригентство на Тодор Скаловски.
 
Но, побитно ми се чини за пригодава е да се каже дека наредната деценија, иако со проретчени концертни настапи, од разбирливи причини, покажа дека овој оркестар ќе биде токму она што погоре го кажавме: ’рбетот на македонската музичка култура и локомотивата на нејзиниот растеж. Токму овој оркестар и неговите членови, заедно се разбира, со низата оперски солисти и ентузијасти, две години подоцна, на 9. Мај 47-та ја овозможија изведбата на првата оперска претстава – „Кавалерија Рустикана“, токму тие беа протагонисти и на првата балетска претстава и токму тие беа „ветерот во грб“ што ги охрабри македонските композитори да ги создадат првите оркестарски композиции, првите оперски и балетски дела. За да може македонската музичка култура многу брзо, или – дури експресно да го фаќа и да го фати приклучокот со развиените музички култури. Во овие години, како што спомнавме, - со релативно мал број на симфониски концерти, но веќе од средината на педесеттите и со фреквенција и со репертоар близок до стандардите на светските оркестри од ваков вид.
 
И, сѐ натаму е историја, детално опишувана во неколкуте монографии, делумно запомнета во меморијата на оние што присуствувале на дел од неа или што биле дел од истата. Во еден збирен и бегол осврт како што е овој, кога во општиот поглед само блеснуваат определени моменти или сегменти и кога спомнувањето на кого и да е неминовно носи опасност да се прескокнат и пропуштат и имиња и настани, дозволете сепак да спомнам некои егзактни факти.
 
Македонија во изминатите повеќе од седум децении изнедри три генерации диригенти кои стекнаа и македонска, но и светска афирмација и слава. Повеќето од нив, во разни периоди и раководеа со Македонската филхармонија.
 
Првата генерација, на која припаѓаа Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев и Кирил Спировски го понесе товарот на фундирањето на Македонската филхармонија. На нејзиното кадровско екипирање, на освојувањето на основните, магистрални програмски правци на симфониското музицирање. Втората генерација на која и припаѓаат Ангел Шурев, Фимчо Муратовски, Ванчо Чавдарски, Александар Лековски и Перо Петровски, со својата дарба и со својата целосна наобразба низ европските музички центри во децениите што следеа потоа, главно во четирите последни од минатиот век овозможи оркестарот да звучи светски. Во скудни услови, – просторни, материјални, кадровски, – но со невиден ентузијазам и занес. Најмладата генерација со двајцата најистакнати претставници – Саша Николовски Ѓумар и Борјан Цанев, го овозможи натамошниот растеж на оркестарот и на неговите креации до степен што го имаме денес, а кој, сега веќе, откако го чувме во оптимални услови – можеме слободно да кажеме дека е компетитивен со големите светски оркестри.
 
Ние, и вие, почитувани посетители, во сите тие години присуствуваме на концерти кои ги раководеа големи светски диригентски имиња: од незаборавниот Ловро Матачиќ кој зазема посебно и почесно место во растежот и на Македонската филхармонија и на Македонската опера и балет, до маестралниот Емил Табаков кој еве, само пред петнаесетина дена по којзнае кој пат покажа дека знае да го носи оркестарот кон ненасетувани исполнителски врвови. Меѓу нив – недобројна низа во која блеснуваат имињата на Темирканов, Маркевич, Дударова, Кондрашин, Данон, Хубад, Секи, Дешпаљ, Лајовиц, Николаев, Пшибилски, Редмонд, Хименез, Павел Коган, па ете, нека бидат спомнати и тие, – Пендерецки или Мориконе. Сите, или речиси сите тие дадоа придонес во досегањето на врвовите што ги имаме денес.
 
За жал, или, подобро, за среќа – секаков обид, ма пакар и вака, што би се рекло преку-трупа, да се спомнат барем најголемите имиња на нашата и светската исполнителска уметност што во овие 73 години настапиле на над 2000-те концерти со Македонската филхармонија станува речиси невозможен. Невозможен, бидејќи бројот на македонски уметници што биле пред оркестарот е троцифрен, а имињата само на оние што направиле свои препознатливи солистички имиња се десетици. За среќа, исто така, бидејќи и десетици светски големи солисти својата извонредна исполнителска уметност ја претставувале пред нас, овозможувајќи ни незаборавни уметнички доживувања. Но, еве, барем да спомнеме некои од вторава група, некои што го исполнија просторот меѓу Фридрих Бауман кој настапи во далечната 1953 и Борис Березовски кого го слушавме пред само две недели. Значи: пијанистите Харсиевич, Крпан, Корољов, Чиколини, Томшич, Гекиќ, Диков, Демиденко, Коробејников, Соколов, Унински, Хајрудинов, виолинистите Коган, Шеринг, Чугаева, Грач, Јашвили, Жислин, Третјаков, Колунџија, Минц, Миленковиќ, Ричи, Фера, Гарет, виолончелистите Навара, Рудин, Дешпаљ, Јаблонски, Ферштман, Хајаши, Алдулеску, вокалните уметници Чангаловиќ, Бакочевиќ, Карерас, Мула, Џеси Норман, обоистот Огринчук, флејтистот Пају, трубачот Накарјаков, харфистот Сејсон, и уште многу, многу други мајстори на својот инструмент.
 
Почитувани пријатели,
Некои од вас знаат дека последниве три децении сум речиси пасиониран проследувач на концертите на Македонската филхармонија. И дека, во рамките на моите професионални афинитети и обврски многу често сум пишувал за хоризонтите и лимитите, почесто за успесите и сосема ретко за падовите на овој оркестар. Сум ги ставал под лупата на мојата професионална субјективност дострелите на диригентите што ја раководеле,  возлетите на солистите што настапувале со неа. Сум зборувал и за компактноста и хомогеноста на звукот, споредувајќи ги некои изведби со изведбите на големите светски оркестри и, многу често, сум жалел за несоодветните услови, и просторни и акустички, во кои не можел да дојде до целосен израз квалитетот на сите учесници во тие впечатливи уметнички сеанси. За жал, така било од првиот ден, од оној историски ден во ноември 44-та, до неодамна. Секогаш без сопствен простор, сопствена концертна сала, секогаш како потстанар во други, најчесто несоодветни простори.
 
Денес, по пет проследени концерти во оваа прекрасна концертна сала, чувствата како проследувач и критичар ми се измешани: тагата што генерации музичари што го минаа својот век во Македонската филхармонија и немаа можност до денес нивната уметност да допре до нас со нејзината целосна сила, е уште поголема од претходно. Тагата што делата на великаните на светската историја и оние на сите генерации македонски композитори, ги слушавме сите ние со една видлива задршка, со еден, денес веќе сосема јасен акустички дефект, е поизразена. И, следствено на ова - восхитот кон оние, - оркестарски музичари, диригенти и солисти што успеваа и во такви околности да нѝ даруваат впечатливи и, понекогаш дури и незаборавни изведби е уште поголем, а благодарноста безмерна.
 
Но, и заради ова или пред сѐ заради ова, радоста што ја чувствував во изминативе неколку концерти, а која беше видлива и кај уметниците и кај публиката, е уште поголема: бидејќи е гаранција дека во годините и децениите што се пред нас, генерациите музичари и љубители на музиката ќе имаат оптимални услови во кои едните ќе ги покажат своите, денес веќе со сигурност можеме да кажеме – високи светски исполнителски стандарди, а другите – ќе добијат естетска наслада и уметничко задоволство, во какви што немале можност да уживаат ниту една од претходните генерации љубители на музиката.
 
Ете, со такви надежи, или подобро уверувања, дозволете во ваше и во мое име да ѝ го честитам 73-тиот роденден на нашата и ваша Македонска филхармонија.