Галерија Пријатели Контакт Годишна програма logoFacebook logoTwitter
назад кон претходна страна


Музиката на славните „Пинк Флојд“ под отворено небо!
14.06.2017

Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар со нескриена возбуда ви го најавуваат десеттото, јубилејно издание на супер настанот „Види музика, слушни слика, добиј книга“!
Годинава, мултимедијалниот перформанс ќе биде посветен на една од најдобрите музички групи на сите времиња - „Пинк Флојд“! Љубителите на музиката на магичниот англиски бенд ќе имаат можност да ги слушнат најдобрите композиции од неговото богато и влијателно творештво, аранжирани за симфониски оркестар.
На 22 јуни под отворено небо во Градскиот парк во 21 часот, со сосема нови оркестрации, дело на музичкиот уметник Џијан Емин, ќе прозвучат легендарните: „Shine On You Crazy Diamond“, „Money“, „Us and Them“, „Another Brick in The Wall“, „Wish You Were Here“, „Speak To Me“, „Breathe“, „On The Run“... Диригент на концертот е Џијан Емин, а како главен вокалист и гитарист ќе настапи Ади Имери. Оркестарот на Македонската филхармонија ќе биде збогатен и со настап на бенд во состав: Александар Поп Христов на електрична гитара, Иван Бејков на електричен бас, Мартин Вучиќ на тапани, Благоја Перуновски на синтисајзер.
„Пинк Флојд“ својата неизмернно плодна кариера полна со иновации ја почнуваат во 1964 година во Кембриџ, а нивните психоделични, прогресивни звучни творби проткаени со филозофска лирика силно ќе влијаат врз развојот на на целокупната музичка сцена во светот.
Инаку, акустично-електричниот звучен проект и годинава ќе биде збогатен со ликовен перформанс, кога на две големи платна инспирирани од вечната музика на „Пинк Флојд“ ќе сликаат ликовните уметници Јулијана Гешовска и Илија Спасовски-Чендо.
Љубителите на пишаниот збор пак, бесплатно ќе можат да добијат примерок од книгата „За одењето по мраз“ од култниот германски режисер и сценарист Вернер Херцог.

Информации за следниот концерт

ЦИКЛУСИ