Галерија Пријатели Контакт Годишна програма logoFacebook logoTwitter
назад кон претходна страна


Историјат на Македонската Филхармонија


Македонската филхармонија е единствениот  симфониски оркестар во Република Македонија и единствен постојан репрезент на  симфониското творештво на македонската концертна сцена. Од формирањето на оркестарот на 24. 11. 1944 непосредно по ослободувањето на Скопје, на неговиот диригентскиот пулт се изменуваат повеќе доајени на македонската музика, а основачи и први диригенти на оркестарот се композиторите Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. За време на  неговото постоење овој оркестар е повеќе пати преименуван и приклучуван кон други институции (Македонската опера и балет и Македонското радио), за во 1960  година Македонската филхармонија да се конституира како самостојна музичка институција. 

По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963  година Македонската Филхармонија под раководство на светски афирмираниот  диригент Игор Маркевич остварува европска турнеја која е од исклучително  значење за солидарноста што му беше укажана на настраданиот град од страна на народите ширум Европа и светот. 

Завреме на повеќе-децениското постоење, Македонската Филхармонија е еден од главните носители на музичкиот живот во земјата и амбасадор на македонската  уметност во светот, а одигрува  и огромна  улога во афирмирањето на македонските репродуктивни уметници, диригенти и промовирањето на современото македонско музичко творештво.

Покрај редовните концертни настапи во земјата,  Македонската Филхармонија има остварено гостување во земјите на Јужна  Америка, Белгија, Холандија, Швајцарија, Шпанија, Полска, поранешниот СССР, Романија, Бугарија, Турција, Италија, Србија, Црна Гора и др.

Со оркестарот диригирале голем број на странски и  домашни диригенти: Ловро Матачиќ, Карло Цеки, Нееме Јарви, Игор Маркевич,  Оскар Данон, во поново време Тадеуш Козловски, Јуриј Темирканов, Вјачеслав Блинов, Павле Дешпаљ,Ермир Крантја, Рамиз Мелик Асланов, Антон Нанут, Јануш  Пшибилски, Стефан Лано, Урош Лајовиц, Емил Табаков, Леонид Николаев, Тимоти Редмонд, Еван Крист, СашаНиколовски-Ѓумар, Борјан Цанев итн. и настапиле реномирани вокални и инструментилни солисти: Алдо  Чиколини, Халина Черни-Стефанска, Хенрих Шеринг, Леонид Коган, Андре Навара, Хозе  Карерас, Цимон Барто, Дејвид Герет, Иља Гринголц, Торлеф Тедеен, Александар Мелников, Јосиф Иванов, Валериј Соколов, Изабел Фауст, Симон Трпчески, Ана Дурловски, МаријаЃошевска и др.